Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје. Во соопштението се наведува дека со неа се опфатени сите обвинители за кои сметаат дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела, но нивните имиња не ги објавуваат поради почитување на пресумпцијата на невиност.
„Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје во која се опфатени сите обвинители за кои што сметаме дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност на пријавените, тоа е се што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно Законот за кривична постапка“,
се вели во соопштението до Управата испратено до медиумите.
Претходно, директорот на Управата, Арафат Муареми, најави дека ќе поднесе кривични пријави против шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска во врска со претресот што на 18 јули го извршија обвинители на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во Управата за финансиска полиција.
Тогаш од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска само кратко потврдија дека вршат претрес и оти станува збор за предмет оформен по пријава од граѓани.
Од Управата, пак, уште тогаш го квалификуваа претресот како незаконски и обвинија дека станува збор за намерно инсценирани и неосновани напади кон нив кои доаѓаат од еден ист центар (без да кажат кој). Исто така, оттаму поднесоа и претставка до државниот обвинител за постапувањето на истражителите и обвинителите од обвинителството на чело со Русковска, како и до Судскиот совет за судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје кој ја издал наредбата за претрес врз основа на барањето на обвинителството.
По ова, Русковска повика странски амбасади и европската обвинителка Лаура Ковеси да реагираат поради присоци од директорот Муареми.
Од амбасадите на САД и на ЕУ, со засебни одговори, посочија дека прашањето со Русковска и Муареми треба да го решат надлежните органи во земјава.





