Повеќе од 11.000 деца се убиени или осакатени во граѓанската војна во Јемен откако таа ескалираше пред речиси осум години, соопштија во понеделникот Обединетите нации.
„Вистинскиот број на жртви од овој конфликт веројатно ќе биде многу поголем“, предупреди детската агенција УНИЦЕФ за жртвите од најтешката хуманитарна криза во светот.
„Илјадници деца ги загубија животите, стотици илјади остануваат во опасност од смрт од болести што може да се спречат или глад“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
Околу 2,2 милиони јеменски деца се акутно неухранети, една четвртина од нив на возраст под пет години, а повеќето се изложени на екстремен ризик од колера, сипаници и други болести што може да се спречат со вакцини, соопшти УНИЦЕФ.
Војната во Јемен избувна во 2014 година. Последните податоци на агенцијата потврдуваат 3.774 смртни случаи на деца помеѓу март 2015 и септември 2022 година.
УНИЦЕФ апелираше за финансирање од 484,4 милиони долари за справување со хуманитарната криза.
„Доколку децата на Јемен сакаат да имаат каква било шанса за достоинствена иднина, сите оние кои имаат влијание мора да се погрижат да бидат заштитени и поддржани“, рече Расел.







