Организацијата на Обединетите нации за заштита на светското културно наследство, УНЕСКО, во својот најнов извештај препорачува Охрид и регионот да бидат ставени на листата на загрозено светско наследство.
Од УНЕСКО бараат да се прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, но и на каква било урбанистичка трансформација.
Ваквата реакција доаѓа по низата платформи на кафетериите што се навлезени во езерото, најавите за градење на Галичица, хотелот во Лагадин, кој се гради на самиот брег, но и градбите во целиот регион, кој е заштитено богатство. Од УНЕСКО испорачаа низа барања до државата, а меѓу првите е да се прогласи мораториум на секакви урбани трансофрмации на брегот на Охридското Езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација.
Причина за тоа е недоволниот напредок до решавањето на проблемите во животната средина, земајќи ги предвид постојаните закани и големите градежни проекти во градот и неговата околина.
Во извештајот се препорачува да се процени влијанието на нелегалните градби во заштитеното подрачје и да се урнат оние што претставуваат опасност за природното и културно наследство.
Од невладината „Совест“ која вчера пак протестираше против изградбата на 32 метарско минаре на Али пашината џамија сметаат дека тоа ќе има далекусежни последици не само по градот туку и по државата, и дека дека во отсуство на потребна реакција од страна на домашните институции, ќе реагира УНЕСКО.





