Аргентинските работници, кои подолго време протестираат поради големата инфлација, организираа „погреб“, при што „тагуваа“ поради „смртта“ на средствата неопходни за живот.



Некои жени дојдоа во црнина со цветна круна на главите, други носеа преголем ковчег во поворка што минуваше низ улиците на Буенос Аирес, на последна почивка не се испраќаше некоја личност, туку работничките плати во Аргентина.

„Смртта“ на платите на аргентинските работници во земја е поизвесна во услови кога се очекува инфлацијата да достигне 90 отсто до крајот на оваа година, и која ја „јаде“ куповната моќ на работниците и покрај долгогодишните обиди на владата да го спречи зголемувањето на цените.

„Ситуацијата за работниците е поразителна. До средината на месецот немаме повеќе плата, тоа не е доволно“, изјави за Ројтерс Мелиса Гаргарело, претставник на Фронтот на организации во борбата (ФОЛ), организатор на протестот.

Според официјалната статистика, минималната плата во Аргентина е 45.540 аргентински пезоси, што е еквивалентно на 334 американски долари, додека цената на синдикалната кошница за четиричлено семејство е пресметана на 111.298 пезоси, или 817 долари, речиси три пати повеќе од износот на минималната плата.