Умираат чекајќи магнетна – Кој е виновeн за хаосот на Радиологија?!

Кој постојано го злоупотребува системот, лекарите или оние кои доаѓаат преку врски?! Пациентите со денови чекаат некој специјалист да им ги прочита снимките од магнетна резонанца или томографија, а тешко оди и закажувањето на термини за снимање. На крај починуваат, и никому ништо. За министерот и за директорката на Институтот нема дилема кој е виновен за таквата состојба. Министерот за здравство, Фатмир Меџити најави денеска дека строго ќе се надгледуваат сите лекари кои издаваат упати и закажуваат термини на пациенти за магнетна резонанца, бидејќи како што вели, оваа постапка се злоупотребува.



Заедно со директорите на Радиологија, ќе ги заостриме критериуми, работиме во оваа насока како и во сите други насоки. Тоа што ви кажав на почеток дека веќе работиме навистина интензивно и тоа ќе биде новитет и реалност, таа централизација на радиологија што ја кажавме, но, навистина ни треба време за овие работи. Повторно апелирам до граѓаните да не кажуваат на докторите навистина и тие да сочувствуваат со нас, да знаат точно дека сепак, докторите одлучуваат кој има потреба, а кој не (за магнетна резонанца) – рече Меџити.

На скопскиот Институт за радиологија пациенти со снимки од магнетна резонанца и компјутерска томографија се пожалија дека со денови чекаат лекарите да им ги прочитаат резултатите, а системот „Мој термин“ покажува дека тешко се доаѓа до термин за снимање и до специјалист.

Директорка на ЈЗУ Институт за радиологија Гордана Антулеска- Белческа рече дека мора да се прави селекција на пациентите.

Ова е многу интересна и премногу барана, дури и злоупотребена метода. Мислам дека е тука основниот проблем. Треба да се прави правилна тријажа на пациентите, значи да се утврди кој пациент е итен за магнетна, нему да му дадеме предност. Заради тоа апелирам и кон своите колеги, да направиме правилна тријажа, со цел да им дадеме предност на оние, на кои навистина магнетната резонанца им е неопходна. Во тој случај, ние би биле и далеку поефикасни – вели директорката Антулеска-Белческа.