Улцин и Гостивар, членки на „Унијата на албански општини“ од Балканот, се збратимија и потпишаа Повелба за соработка

„Претседателот на општина Гостивар Арбен Таравари денеска имаше средба со градоначалникот на општина Улцињ Омер Бајрактари и амбасадорката на Црна Гора во * Македонија Марија Петровиќ. На средбата двајцата претседатели ја потпишаа Повелбата за пријателство и соработка меѓу Гостивар и Улцињ.“ – објави ТВ 21 во својата информација со наслов „Општина Гостивар се збратими со општина Улцин“.

ТВ 21 пишува: „Како што нагласуваат од општина Гостивар, целта на Повелбата е остварување на заедничките интереси, заедничко претставување во сите области, како и развој и унапредување на заедничките пријателски односи. Повелбата опфаќа соработка во областа на претприемништвото и економскиот развој, подобрување на туризмот, соработка во културата, образованието и спортот. Оваа соработка со Улцињ е посебна, бидејќи е воспоставена денеска, на 23 декември, кога општина Гостивар го одбележува Денот на општината.“

Инаку, црногорската општина Улцин е членка на „Унијата на албански општини“ од 2016 година, а Гостивар и се придружи на оваа „Унија“ во 2018 година. „Унијата на албански заедници и општини“ од Балканскиот регион е непрофитно здружение и доброволно и самостојно обединување на заедниците и општините од албанските територии. Ова здружение е официјално регистрирано во Окружниот суд во главниот град на Албанија Тирана на 29 јули 2019 година. Членки на оваа „Унија“ се Тирана и Валона од Албанија, Приштина, Призрен, Пеќ и Ѓаковица од Косово, Тетово, Гостивар и Чаир од Македонија, Улцин и Тузи од Црна Гора, како и Прешево од Србија.

Информативниот портал „МК њуз“ на 28 ноември 2016 година објави информација, во која напиша: „Во Тирана на ‘мала врата’ е формирана Голема Албанија: пет општини од Македонија, Косово и Албанија основаа Сојуз на албански општини. Договорот за соработка го потпишаа градоначалниците на петте градови по повод добележувањето на независноста на Албанија и Денот на албанското знаме 28 ноември, Денот на независноста и денот на албанското знаме.“.