Украинец од Азовстал бара Илон Маск да му помогне

Украински војник од фабриката за челик Азовстал во градот Мариупол го повикал милијардерот Илон Маск да помогне во нивната евакуација, пренесува Ројтерс.



„@elonmusk, луѓето велат дека доаѓаш од друга планета за да ги научиш луѓето да веруваат во невозможното. Нашите планети се една до друга, а јас живеам на место каде што е речиси невозможно да се преживее“, напиша командантот на 36-та Морска бригада Серхи Волина, на Твитер.

Тој истакна дека отворл профил на социјалната мрежа само за да може да се поврзе со Маск.

„Помогнете ни да излеземе од Азовстал… Ако не вие, тогаш кој? Дајте ми знак“, напиша командантот.

Не е јасно дали Илон Маск – најбогатиот човек на светот, сопственик на SpaceX и производителот на електрични автомобили Тесла – го видел твитот на Волина.