Украински мажи на возраст меѓу 25 и 60 години кои живеат во странство се очекува да се пријават на воена служба, изјави денеска министерот за одбрана Рустем Умеров. Тој го опиша како „покана“ и се закани дека ќе има санкции против секој што нема да се јави на повикот.
Во ноември, австрискиот весник Експрес ја цитираше европската агенција Еуростат дека околу 650.000 Украинци на воена возраст ја напуштиле земјата само во ЕУ од почетокот на руската инвазија, од кои речиси 200.000 се во Германија.
Бројката не ги вклучува граѓаните кои живеат надвор од ЕУ или оние кои живееле каде било во странство пред февруари 2022 година, кога рускиот претседател Путин нареди сеопфатен напад врз Украина.
Во интервју за германските медиумски куќи Ди Велт, Билд и Политико, Умеров ја опиша акцијата на регрутирање нови војници „не како казна, туку како чест“.
Претседателот Володимир Зеленски завчера соопшти дека на Украина и се потребни 450.000 до 500.000 нови војници, но да се стигне таму е „чувствително прашање“.
Како што пренесува Би-Би-Си, сето тоа се случува во време кога украинската контраофанзива се чини дека е целосно заглавена.
Киев неодамна беше силно погоден и во однос на помошта од Западот. Имено, американските републиканци кои го блокираа пакетот воена помош од 61 милијарда долари, а Унгарија, пак, го стопираа пакетот финансиска помош на ЕУ во вредност од 50 милијарди евра.






