Украинскиот парламент донесе одлука за воведување сеопфатни 50-годишни санкции против руските финансиски институции.
Тука спаѓаат централната банка, сите комерцијални банки, инвестициски фондови, осигурителни компании и други компании, пренесува Ројтерс.
Санкциите се дел од намерата на Киев да одржи целосен финансиски притисок врз Русија поради конфликтот што започна на 24 февруари минатата година.
„Тоа е целосна блокада на финансиските институции на Руската Федерација за пристап до пазарот и средствата во Украина. Треба да го ослабиме со сите расположливи средства, бидејќи финансискиот сектор е стратешки донатор на оваа војна“, објави гувернерот на Народната банка на Украина Андриј Пишни на Фејсбук.
Големо мнозинство од 325 пратеници гласаа за поддршка на овие мерки кои се очекува да бидат во сила половина век.
Министерката за економија Јулија Свириденко рече дека овие санкции ќе влијаат на стотици банки и десетици илјади финансиски институции регистрирани во Русија.







