Сегашната стапка на употреба на муниција во Украина е многу пати повисока од сегашното производство на Алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Министрите за одбрана на НАТО се состануваат денеска и утре во Брисел за да ја зајакнат одбраната на алијансата, како и да ја зголемат поддршката за Украина.
Се очекува да биде договорено ново ниво за одбранбеното планирање на НАТО и да се разгледаат начините за зголемување на одбранбениот индустриски капацитет и надополнување на залихите.
„Речиси една година по инвазијата, претседателот Путин не е спремен за мир. Започнува нови офанзиви“, рече Столтенберг.
Тој истакна дека ако Путин победи во Украина, пораката до него и до другите авторитарни режими е дека силата е наградена.
„Ова ќе го направи светот поопасен, а сите нас поранливи“, додаде Столтенберг.







