Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека руските вооружени сили извршиле интензивен напад врз воени објекти во Украина, како одговор на терористичките акции организирани од Киев во областа Брјанск, која е пограничен регион на Русија.
„Оружјето со долг дострел од воздух, море и копно, вклучително и хиперсонични ракетни системи ‘Кинжал’, ги погоди клучните елементи на украинската воена инфраструктура, претпријатијата од воено-индустрискиот комплекс, како и енергетските капацитети што ги напојуваат“, соопшти Министерството.
Киев соопшти дека воздушните напади немаат воена цел и имаат за цел да им наштетат на цивилите, што е воено злосторство.
Украинските власти соопштија дека Москва истрелала шест хиперсонични ракети Кинжал, бројка без преседан на која Украина нема начин да се спротивстави.
Се верува дека Русија има само неколку десетици проектили, кои претседателот Владимир Путин редовно ги фали во своите говори како оружје на кое НАТО не може да одговори.
„Целта за одмазда е постигната, погодени се сите одредени објекти на украинската воена инфраструктура“, објави руското министерство на чело со Сергеј Шојгу.
Министерството појасни дека ракетните напади успеале да ја уништат базата на непријателските нападни беспилотни летала, да го нарушат трансферот на резервите на Вооружените сили на Украина и железничкиот транспорт на странско оружје, како и да ги онеспособат производствените капацитети за поправка на воена опрема и производство.






