Украинските власти побараа од словенечките дипломати во Киев да го отстранат нивното државно знаме од пред амбасадата, со објаснување дека е премногу слично на руското.



„Кога пристигнавме во Киев беше доста ветровито и кога гордо ги кренавме знамињата на Словенија и на Европската унија, тие се вееја на ветрот“, изјави в.д. амбасадорот Боштјан Лесјак за ТВ Словенија.

Но, два дена по неговото доаѓање во Киев, ветрот престанал и знамињата виснале на јарболот и тогаш словенечкото знаме, според Лесјак, почнало да наликува на руското.

Набрзо потоа припадници на Украинската национална гарда отишле кај дипломатот и побарале ако може амбасадата „привремено да го тргне словенечкото знаме бидејќи е премногу слично со руското“, по што тоа било отстрането.

Љубљана не одговорила на прекршувањето на дипломатскиот протокол од Киев. Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година налага на странска амбасада да ѝ биде дозволено да го истакне своето државно знаме.

Во знак на поддршка на Украина, словенечките дипломати се вратија во Киев од кој заминаа по руската воена интервенција кон крајот на февруари.