Украина: Над 14.000 жртви, уништени 140.000 станбени објекти

Најмалку 14.059 се цивилни жртви на војната во Украина, соопшти набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина.



Ова на брифингот во петокот го изјави шефицата на мисијата на ОН за следење на човековите права во Украина Матилда Богнер, цитирана од Укринформ.

„До денес, имаме 14.059 потврдени цивилни жртви: 5.767 цивили загинаа и 8.292 се повредени во воените дејствија.

Како што постојано кажуваме знаеме дека реалниот број веројатно ќе биде значително поголем“, рече таа.

Од почетокот на војната во Украина се уништени околу 140.000 станбени згради, изјави вицепремиерот и министер за реинтеграција на привремено окупираните територии на Украина, Ирина Верешчук, во интервју за украинскиот ТВ канал FREEDOM, цитиран од Укринформ.

„Гледате степенот на уништувањето. Уништени се 140.000 станбени згради. Тоа се само податоци за станови, а каде е инфраструктурата“, рече таа.