Од денешна перспектива не е прашање дали конфликтот во Украина ќе ескалира. Вистинско прашање е кои се научените лекции од досегашниот развој на настаните и однесувањето на инволвираните актери во конфликтот во Украина. Согледувајќи ги изминатите политички и воени настани кои му претходеа, сметам дека конфликтот во Украина е резултат на судир на две политички идеологии или концепти на државно уредување.
Бидејќи овој конфликт има историја на настани, есенцијално е да ги погледнеме и анализираме клучните настани и каква е реакцијата на инволвираните актери, Русија и САД.
Овој конфликт е многу специфичен бидејќи не е само натпревар на идеологии туку цената на овој натпревар е нивниот легитимитет, за кој последиците би биле од светски рамки. Оттука сметам дека ескалацијата ќе зависи како Русија и САД ќе го менаџираат и задржат легитимитетот на својата идеологија во овој геополитички натпревар.
Русија
Има два критични елементи кои го дефинираат денешното однесување на Русија. Прво, вековното чуство на несигурност поради географијата на нејзината западна граница. Второ, проактивна улога на Русија во запирање на рапидно ширење на либералниот хегемонизам на САД.
Да погледнеме неколку факти кои го дефинираат однесување, стравот и желбите на Русија кои ја дефинираат нејзината идеологија и државно уредување. Воедно истите тие директно се поврзани со конфликтот во Украина.
За Русија географијата има стратешка важност и го дефинира нејзиното однесување во геополитичкото натпреварување. Русија на запад е отворена кон Европска северна низина. Со распадот на СССР, Русија ја изгуби стратешка длабочина која ја штитеше во Европската северна низина.
Историски оваа низина преставува најголем проблем за Русија како да обезбеди заштита и сигурност.
Авторот Тим Маршал во неговата книга „Затвореници на Географијата“ ќе напише дека „без разлика кој владее со Русија и каква идеологија ќе промовира Европската низина секогаш ќе остане рамна.“
Оттука Руската перцепција за Западот предводени од САД е дека сакаат да ги контролираат новите држави по распадот на СССР на Руската западна граница. Затоа Џорџ Фридман во неговата анализа “Russia and Ukraine: War or Bluff” ќе заклучи дека секое мешање или експанзија на НАТО или ЕУ во државите кои се на Руската западна граница преставува егзистенционална закана за Русија.
Оваа перцепција Русија постепено ја гради по Студената Војна гледајќи како САД и Западните сојузници со ширењето на НАТО и ЕУ кон истокот. Како резултат во 1996 година Евгениј Примаков во неговата стратегија ја дефинира про-активната улога за баланс на Западот. Тој го препознава рапидното ширење на либералниот хегемонизам на САД и има визија за создавање на мултиполарен свет каде Русија има клучна улога и своја независна надворешна политика.
Оваа стратегија точно го дефинира различното гледање на геополитиката и односите помеѓу Русија и САД. За жал, САД иако свесни за промените, сепак нивните постапки докажуваат дека го потценија Рускиот капацитет. Така Русија станува регионален хегемон кој ќе го ограничи просторот за маневар на САД особено во Источна Европа.
Според Руската проценка, таа мора да има проактивна улога запирање на рапидното ширење на либералниот хегемонизам на САД пред западната граница. Секој пат кога во земјите од бафер зоната ќе изгласаат про-Западна влада, Русија веднаш презема активни мерки за минимизација Западното влијание.
Доколку не се во можност да ја повратат контролата во државата, тогаш толку многу економски, политички и безбедносно ја растураат земјата за да нема суштинско значење за Западот. Токму тоа се случи во Грузија, Украина и Белорусија.
Русија ја перципира САД дека се замешани во инсталирање на про-Западна влада, а тоа преставува директна закана за Русија. Затоа Русија зазема агресивна улога кон своите соседи и го отпочнува градењето на бафер зона од државите Естонија, Латвија, Литванија, Белорусија, Украина и Грузија. Во 2004 кога Балтичките земји стануваат НАТО членки, следи Руски сајбер напад на Естонија.
Клучен настан е најголемиот Самит на НАТО во Букурешт на 4 Април 2008 година кога и самиот Путин е поканет како набљудувач. Тогаш за прв пат САД и НАТО отворено изразуваат отворена поддршка на Украина и Грузија да започнат членство во НАТО. Во Грузија, со веќе нарушените односи од 2003 година поради инсталирање на про-Западна влада, според Русија, на 01 Август 2008 година Русија стартува со координирани напади во Абкхазија и Осетија.
Во Украина, во Ноември 2013 година кога Претседателот Виктор Јанукович одбил договор за приближување кон ЕУ започнуваат масовни протести каде САД и ЕУ директно ги поддржуваат протестантите, а Русија директно го поддржува Јанукович. Во Февруари 2014 Русија го зазема Крим и почнуваат операција за континуирано дестабилизирање на Украина без да се влезе во директен конфликт ниту со Западот, ниту со Украина. На овој начин Русија успева да креира бафер зона од држави кои треба да ја заштитат западна граница идеолошки и безбедносно.
Очигледно е дека оваа западна граница е од егзистенционално значење за Русија се очекува таа да остане проактивна се додека постои притисокот од ширење на либералната демократија.
САД
Државното уредување е според либералната демократија. Без разлика што има две големи партии Демократи кои важат за либерали и Републиканци кои важат за конзервативци и двете партии промовираат либерална демократија. Искуствено образувајќи во и работејќи со САД, благодарен сум што ги научив основните принципи на демократијата и институциите на државата. Но, употребувајќи ги тие принципи во Македонија, многу брзо ме донесоа во конфликт со самонаречените политичари кои немаа никаква намера да спроведат демократски систем. Но, за ова во друга прилика.
Либералниот поредок има три основни принципи. Прв, ширење на демократијата. Втор, промоција на отворена економија. Трет, интегрирање што повеќе земји во меѓународни институции. Па оттука е верувањето дека две демократски држави нема да влезат во војна и дека што повеќе држави се демократизираат ќе владее долготраен мир. Но, сведоци сме на спротивното.
Еве зошто: По завршување на Студената Војна, САД излегува како победник. Во тој униполарен свет, САД како единствена светска сила го почнува проектот на глобално ширење на либералната демократија. Таа ги поставува услови и правилата на глобалната игра. Во тоа време и Русија и Кина се политички и економски слаби за да парираат на САД и Европа.
Почнувајќи од пред 10-тина години се повеќе професори, експерти и аналитичари активно укажуваат дека либералната демократија влегува во криза сепак САД не ја промени стратегијата.
Зошто?
Според професорот Џон Ајкенбери (John Ikenberry, “Liberal Leviathan”, 2011) кризата во либералниот светски поредокот го идентификува во проблемот на менаџирањето, а не самиот поредок. Според него градење на либерален хегемонски поредок предводен од САД врз постоечкиот Вестфалски систем на суверени нации-држави продуцира многу повеќе револт кон либералните вредности и допринесува за намалување на довербата во демократијата и зголемување на национализмот.
Денес, само можеме да претпоставиме дека доколку либералниот светски поредок е формиран врз база на меѓународно прифатени правила наместо хегемонски поредок, би функционирал како што е замислен.
Според професорот Џон Мершхајмер во неговата книга (John Mearshimer, “The Great Delusion,” 2018) еден дел од проблемот го дефинира со прифаќање на либералните принципи во надворешната политика. Според него најголемата грешка е тоа што САД заслепени од моќта на униполарноста ја игнорира политиката на баланс на силите. Па така, агресивноста на Русија и зајакнување на рускиот национализам доаѓа во 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт кога САД и НАТО ја отворено ги поддржуваат Украина и Грузија да станат членки.
САД има историја на силни државни институции каде правдата иако покасно, сепак стигнува.
Денес, сведоци сме на голема политичка поларизираност на Американското општество. Според тоа, само може да се надеваме САД нема повеќе да ги игнорира принципите на баланс на моќта и ќе ги примени научените лекции од неуспесите од блиското минато.
Бидејќи и двете сили САД и Русија длабоко се закопани во рововите на одбрана на своите идеологии разврска на конфликтот во Украина ќе бара многу компромис и одрекување на веќе стекнати привилегии. Ова е возможно само доколку и двете страни се согласни дека доколку конфликтот ескалира дека ниту една страна нема да биде победник.
Зоран Иванов
Авторот е универзитетски професор





