Украина е подготвена да испорача електрична енергија на Германија за да и помогне да се справи со проблемот со недостигот на електрична енергија, соопшти украинскиот премиер Денис Шмихал за време на средбата со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во Берлин.



Украина извезува енергија од своите нуклеарни централи во Романија и Полска и на тој начин има вградена инфраструктура што може да ја користи и за Германија, пренесе РСЕ.

Украинскиот премиер се пофали дека во неговата земја имаат доволно струја поради нивните нуклеарни централи.

По руската инвазија, Украина и Молдавија се одделија од постсоветската електрична мрежа во регионот за да бидат независни од Москва. Така, Украина веќе во средината на март почна да ја синхронизира својата мрежа за пренос на електрична енергија со онаа на Европската унија.

Како резултат на тоа, Киев почна да извезува меѓу 400 и 700 мегавати електрична енергија во земјите-членки на Европската унија. За да и помогне на Германија, Шмихал ќе побара неколкукратно да се зголемат квотите за украинската струја.

Во меѓувреме, германската министерка за јавни работи и развој Свења Шулце најави нов пакет помош од 200 милиони евра за внатрешно раселените Украинци, објави Ројтерс.