Украина ги прекина трговските врски со Русија, од која увозот ѝ е 6 милијарди долари годишно

Украина официјално го забрани целиот увоз од Русија поради воената интервенција од соседот врз својата територија, објави министерката за економија Јулија Свириденко.



„Денеска официјално објавуваме целосен прекин на трговијата со стоки со агресорската држава. Отсега натаму никакви производи од Руската Федерација нема да може да се увезуваат на територијата на нашата држава“, напиша Свириденко на Фејсбук, додавајќи дека ваквиот потег е преземен за да се спречи Русија да ги користи парите од заемната трговија за финансирање на воената операција.

Русија беше еден од клучните трговски партнери на Украина пред Москва да покрене операција за „демилитаризација“ на соседната земја кон крајот на февруари, при што годишниот увоз е проценет на околу 6 милијарди долари.

Свириденко ги повика другите земји да го следат овој чекор и да воведат поостри економски санкции против Москва.

„Ваквиот чекор на Украина може да послужи како пример за нашите западни партнери и да ги поттикне за засилување на санкциите против Русија, вклучувајќи и спроведување ембарго за енергија и изолација на сите руски банки“, порача таа во својата објава.