Украина добива огромен заем од ММФ

Договорен е нов заем од пет милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Украина.



Заемот ќе помогне да се убедат другите украински кредитори дека макроекономската ситуација во таа земја разурната од војна е под контрола, изјави главниот економски советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Новото финансирање од ММФ ќе служи околу 18 месеци додека не се договори поголем финансиски пакет вреден помеѓу 15 и 20 милијарди долари за да ѝ помогне на Украина да ја надмине економската криза предизвикана од руската инвазија, рече советникот Олег Устенко.

Украинскиот гувернер Кирил Шевченко пред две недели изјави за Ројтерс дека Киев бара од ММФ заем до 20 милијарди долари за период од две до три години.

„Програмата на ММФ од 5 милијарди долари ќе биде во согласност со претходните нивоа на финансирање и може да биде катализатор за финансирање од други извори, вклучувајќи ги ЕУ, САД и други земји“, вели Устенко.