Украина побара од Турција да ги затвори Босфор и Дарданели за руските бродови, соопшти украинскиот амбасадор во Анкара, Васил Боднар, цитиран од „Дејли Сабах“.
„Повикуваме на затворање на воздушниот простор, Босфорот и Дарданелите. Го поднесовме нашето барање до турската страна. Во исто време сакаме воведување санкции за руската страна“, изјави Боднар на прес-конференција.
Барањето ја става Турција, членка на НАТО, во тешка позиција, бидејќи има заедничка поморска граница со Украина и Русија во Црното Море и одржува добри односи со двете земји.
Турција се спротивстави на санкциите против Русија.
Вчера претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека Анкара ќе се обиде да ја реши кризата без да ги прекине односите ниту со Москва, ниту со Киев.
Сепак, и покрај општото несогласување со санкциите против Кремљ, Анкара ги нарече акциите на Русија против Украина „неприфатливи“.






