Шест кандидати се пријавиле за местото нов ректор на на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – УКИМ.
Според пријавите, кандидати за нов ректор се Билјана Ангелова од Економскиот институт; Горан Ајдински од Филозофскиот факултет; негов колега кој доаѓа од истиот факултет, Ратко Дуев; Атанас Кочов од Машинскиот факултет; Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), од каде што доаѓа и нејзиниот колега Димитар Ташковски.
Универзитетската изборна комисија на состанок ги разгледа и ги прифати сите шест пријави на кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои стигнале пред завршувањето на крајниот рок.
Гласањето за нов ректор на најстариот универзитет во земјата „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е закажано за 30 мај, од 14 до 16 часот, на сите 23 факултети и 5 институти.






