Вработените во Управата за јавни приходи со најава за протест, на кој, како што велат, ќе го изразат своето незадоволство кон
Незадоволни од министерот за финансии Фатмир Бесими, кој не дава согласност за потпишување на новиот Колективен договор на Управата за јавни приходи, вработените во УЈП денеска ќе протестираат.
Протестот ќе се одржи со почеток во 11 часот пред зградата на Министерството за финансии.
„Во содржината на посочениот договор е утврдено зголемување на платите на вработените во Управата за јавни приходи, што е легитимно и основано согласно одредбите на член 66 од Законот за буџети.
Во исто време таквата примена на посочениот член ја потврди и Собранието на Република Северна Македонија со давање на свое автентично толкување. Претходно работни групи делегирани од работодавачот и репрезентативната синдикалната организација Солидарност изготвија и заеднички ја прифатија содржината на новиот Колективен договор на ниво на работодавач“, се вели во пишаната информација.
Вработените во Управата за јавни приходи, велат дека состојбата со платите е повеќе од поразителна и разочарувачка.
„За 14 години платите се корегирани само за 5% а во последните 4 години ниту еден денар. Никој не сака да го цени фактот дека станува збор за вработени во државната управа, кои се единствени во децениските активности на хуманитарни и донаторски акции со што ја искажуваат својата општествената одговорност.
Никој не може да го негира фактот дека токму тие се единствените кои од сопствените плати издвоија милионски износи кои беа уплатени во фондот за справување со Ковид-пандемијата кога целото општество беше во шок.
Вработените предупредуваат дека може да дојде до „непосакувани состојби“, предусловени од неисполнување на работни задачи и обврски на вработените при евентуално одржување на генерален штрак на што се инсистира од нивна страна.
Што тоа би значело за целото општество сите треба да бидеме свесни, се додава во соопштението.







