Угриновска: Модуларните не се трафики, а така ги третираа…

„Брзо и лесно не било секогаш ни брзо, ни лесно. Болниците не се трафики, а си дозволија под изговор на итност да ги третираат како трафики. Се’ покриено со закон.



Значи болницата побарува трафика, министерот дозволува. Трафиката се поставува, министерот ја примопредава на болницата. Болницата потоа, според своите вештини и локална инсталација, ја приклучува трафиката на струја, вода и кислород.

Трафиката од ПУР-панели потоа ја нарекуваат ковид-болница и почнуваат да примаат пациенти“, пишува на Фејсбук новинарката Соња Христовска Угриновска и потсетува на зборовите на министерот за здравство Венко Филипче според кој ако не ги поставеле, ќе било како во Италија.

„А, демек не беше“, коментира новинарката во ФБ објавата која ја пренесуваме во целост:

„Модуларните болници не се градби и за нив не важат стандардите за градби од прва, втора, трета категорија според Законот за градењето.

Тие се времени, монтажно-демонтажни објекти. За нив не треба дозвола за градење, туку дозвола за поставување. Не треба технички прием, туку се врши само примопредавање.

Конкретно, за да можат да се постават модуларните болници лани во ноември беше сменет Законот за градење и беа додадени во категоријата времени објекти. Нагласено е дека се поставуваат во кругот на здравствените објекти, а цитирам: „барањето за изведување, односно поставување на модуларни градби или група од модуларни градби наменети за вршење на здравствена дејност се поднесува до Министерството за здравство и решението го издава Министерството за здравство“.

ВФ вели дека ако не ги поставеле, ќе било кај нас како во Италија, демек не беше.

Кога ги носеа законските измени велеа дека тоа е за да можат брзо и лесно да се поставуваат монтажните болници, за да има каде да се лекуваат луѓето. Ама ете, брзо и лесно не било секогаш ни брзо, ни лесно.

Болниците не се трафики, а си дозволија под изговор на итност да ги третираат како трафики. Се покриено со закон. Значи болницата побарува трафика, министерот дозволува. Трафиката се поставува, министерот ја примопредава на болницата. Болницата потоа, според своите вештини и локална инсталација, ја приклучува трафиката на струја, вода и кислород. Трафиката од ПУР-панели потоа ја нарекуваат ковид-болница и почнуваат да примаат пациенти“.