Угостители со пријава за градоначалникот на Центар, Богдановиќ

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ се соочува со пријава од дваесетина скопски угостители откако најави дека општината била носител на акција за контрола во неколку населби.



Соопштение за јавност

Градоначалникот на Општина Центар, на својот фејсбук профил има напишано дека Општина Центар како носител, во заедничка акција со Пазарната инспекција, УЈП, МВР, СВР Скопје, Градски Паркинг и ЈП ПОЦ во саботата биле во контрола на 20 угостителски објекти во Дебар Маало, улица Македонија, Пролет и други делови на територијата на општината.

Надлежностите на општината се утврдени во членот 22 од Законот за локалната самоуправа и опфаќаат урбанистичко планирање, заштита на животната средина, локален економски развој, комунални дејности, култура, спорт и рекреација, социјална заштита, образование, здравствена заштита, заштита и спасување, противпожарна заштита, надзор на работите од надлежност на општината (кои се претходно наведени), други работи определени со закон. Надлежностите на градоначалникот се уште помали и се таксативно наведени во член 51 од законот.

Како што може да се види општината нема никаква надлежност во врска со контрола и надзор на пазарот и на даноците, па оттука нема никаков законски основ, Општина Центар да биде носител на било каква акција со Пазарна инспекција, УЈП и МВР. Дотолку повеќе што согласно член 69 од Законот за локалната самоуправа е пропишано дека органите на државната управа вршат надзор над работата на општината, што значи дека општината може да биде субјект на надзор, но никако носител на надзор кој го вршат органите на државната управа.

Членот 18 од Законот за општата управна постапка, јасно пропишува дека „Стварната надлежност на јавните органи се определува со закон со кој се уредува одредена управна работа или се определува надлежноста на јавните органи.“

Тоа значи дека со член 8 од Законот за Државниот пазарен инспекторат е утврдена надлежноста на пазарната инспекција, со член 8 од Законот за Управата за јавни приходи е утврдена надлежноста на УЈП, со Законот за внатрешните работи е утврдена надлежноста на МВР. Нема никаков законски основ Општина Центар да презема било какви дејствија и да организира акции од надлежност на овие органи.

Доколку има сознание за било какви незаконски дејствија, таа е должна да ги извести надлежните органи и ништо повеќе.

Доколку се вистините наводите на фејсбук профилот на градоначалникот, тогаш има основано сомнение за сторено кривично дела „злоупотреба на службена положба“ со пречекорување на границите на своето службено овластување утврдено во член 353 од Кривичниот законик.

Заради тие причини по прибирање на потребната документација согласно член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и тоа: Документ со кој Општина Центар се јавува како носител и организатор на акцијата, сите записници и решенија кои се донесени во текот на акцијата и изречените мерки, како и по разговор со сите угостители кои биле предмет на надзор, доколку кај нив не е утврден недостаток, а е предизвикана штета затоа што не можеле нормално да функционираат во времето на надзорот, ќе поднесеме соодветни пријави.