Независната угостителска комора (НУК) алармира дека нови рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, меѓу кои и забрана за работа на рестораните и кафулињата по 18 часот, ќе предизвика дополнителни загуби во нивната индустрија.
Тие се надеваат дека Владата на денешната седница ова ќе го земе предвид и покрај препораките од Комисијата за заразни болести.
„Според нашите груби првични економски процени новата рестриктивна мерка на угостителите ќе донесе директни загуби односно штета во висина од 18-22 милиони евра во угостителската индустрија кои, доколку Владата не интервенира на време, ќе мора угостителите самостојно да бараат начини да ја покријат и покрај тоа што нема да бидат во можност да работат. Новата одлука ќе примора дел од угостителите да направат повторно рационализација на трошоците, особено во делот на вработените, со исклучок на оние што успеале да користат субвенции за плати кои се приморани да ги задржат своите вработени и во наредните 2 месеци и покрај тоа што нема да можат да работат односно нема да имаат услови да обезбедат работа и остварување на приходи“, велат од Независната угостителска комора.





