УЕФА донесе одлука од следната седмица на натпреварите под нејзина „капа“ да може да има публика, што значи и на мечот Македонија – Косово од Лигата на нациите на 8 октомври, но Фудбалската федерација на Македонија се откажа од тоа?!
Европската куќа на фудбалот овозможи исполнување на трибините до 30 проценти од нивниот капацитет, но без присуство на гостински навивачи и со почитување на здравствените мерки за коронавирусот, по успешниот тест со Суперкупот во Будимпешта.
„Ова е прв чекор за враќање на навивачите, но со почитување на локалните закони во секоја земја. Секоја земја има различен пристап и закони, а оваа одлука е флексибилна. Дозволува да има гледачи, а истовремено и ги почитува локалните закони. Важно е да се вратат надежта и страста за фудбалот, а јас на сите навивачи им порачувам да се однесуваат одговорно и да ги почитуваат сите мерки за заштита“, изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Но, Управниот одбор на ФФМ денеска реши да ги врати парите од продажбата на билетите за средбата од полуфиналето на Лигата на нациите, воедно и претпоследна пречка до Европското првенство 2021.
Македонија и Косово својот прв меѓусебен дуел воопшто ќе го одиграат на 8 октомври од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.






