Во основно училиште во Лукавац на североистокот на Босна и Херцеговина утрово, околу 8 часот, ученик застрела наставник.



Наставникот е во критична состојба, а напаѓачот е уапсен, соопштија локалните власти.

Екипа на Итната медицинска помош на Здравствениот дом Лукавац укажала прва помош, а потоа ранетиот вработен во училиштето Лукавац Град бил пренесен во Универзитетскиот клинички центар во Тузла, јавува Ал Џезира.

„Поради прострелна рана во пределот на вратот во Медицинскиот центар Тузла хоспитализиран е пациентот со иницијали О.Н. Пациентот е интубиран и операцијата е во тек“, соопштија од Универзитетската болница во Тузла.

Од полициското одделение на МВР на кантонот Тузла засега нема официјална информација, а градоначалникот на Лукавац, Един Делиќ, на социјалните мрежи ја сподели веста дека нема повредени ученици.