Учебникот по историја заглавен во институциите, децата учат од скрипти – одговорност нема

Учебникот по историја и општество за петто и шесто одделение заглавен во фиоките на институциите, кои никако да се решат да го испечатат. Министерството за образование и наука утре ќе ја почне постапката за изработка на учебници за седмо одделение кои ќе се користат идната учебна година, откако Бирото за образование и наука минатата недела ги достави до МОН наставните програми за седмо според Концепцијата за основно образование која се спроведува етапно.



Министерот Јетон Шаќири соопшти дека утре ќе почне објавувањето повици за автори за учебниците што ќе се изработуваат согласно новите програми. Бидејќи тие до МОН се доставени многу порано отколку што беа доставени програмите за шесто, поради кои годинава доцнеа учебниците, министерот посочи дека сега ќе има доволно долг период да се изработат и да се распределат навреме. 

Учебниците по Историја и општество за петто и за шесто одделение се уште ги нема во наставата затоа што, иако ракописите од авторските тимови се доставени до МОН, не се јавуваат рецензенти на огласите. Шаќири изјави дека во три до четири обиди нема пријави и МОН со допис се обратило до сите соодветни факултети за да се  јават професори што ќе ги рецензираат за потоа да може да продолжи наредната фаза, нивно печатење и дистрибуција.

Но, значајно е тоа што учениците имаат подготвителни материјали за цела година, подготвени од Бирото за развој на образованието според наставната програма. Очекувам дека во наредниот период, најбрзо што може, професори ќе се вклучат како рецензенти и нивните забелешки да бидат земени предвид од Националната комисија за учебници. Затоа ги повикувам сите професори, како што се вклучија за сите други учебници што ги завршивме, да се вклучат и за учебникот по Историја и општество,  истакна Шаќири.