Учениците од петто и шесто одделение најверојатно нема да ги добијат учебниците по „Историја и општество“ до крајот на годинава. Проблем – немање на рецензенти, односно не сакале да ги напишат, се правда министерот за образование. Се надева дека проблемот ќе се решел наскоро, но тешко до крајот на оваа година, оти како што рече, потребни биле 30 дена од денот на одобрување на книгите.

Проблем, веројатно се бугарските диктати и условувања поради кои добар дел од историчарите и професорите не сакаат да стават потпис како рецензентит на таков учебник. За побрзо да оди работата, министерот бара од професорите да бидат поактивни, и да се вклучат во рецензијата на учебникот по „Историја и општество“ за овие две одделенија.

Тоа што никаде ги нема учебниците по „Историја“ за петто и шесто одделение за наставниците е голем пропуст во образованието. Тие по кој знае кој пат побараа МОН, а пред се, државата да покаже поголема сериозност, и еднаш за секогаш некој да понесе одговорност оти на проблемите им нема крај.
Инаку, учебник по „Историја“ за овие одделение немаше ни лани, од истите причини. Во оние кои ги има пак има еден куп грешки – пишуваше дека Македонија на Запад граничи со Бугарија, дека врвот „Монт Еверест“ е висок 29 километри, беа помешани знамињата на некои европски држави…





