Учебници за едни, а за други скрипти е – дикриминација

Најавите дека на 1 септември, пак нема да има учебници на сите ученици, ги става учебниците во нерамноправна положба и тоа е веќе предмет со кој се занимава Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.



Имено и годинава, тие што нема да добијат ќе учат од помошни материјали во електронска форма, бидејќи Министерството за образование годинава не планира да ги достави во печатена форма.

Родители стравуваат дека и годинава ќе мора тајно да ги копираат и принтаат заменските „учебници“, пишува РСЕ.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапуваше по претставка од родители чии деца лани во 5 одделение немале учебник по мајчин македонски јазик.

Весна Бендеска, известител за овој случај во Комисијата за спречување дискриминација, вели дека утврдиле повеќекратна продолжена директна дискриминација, што е потежок вид на дискриминација, врз основа на јазик и возраст. Дополнително утврдиле и дека не станува збор за недостаток само на овој учебник, туку и на повеќе учебници во основното образование.

„Комисија утврди и продолжена индиректна дискриминација, која произлегува од навистина долгата и комплицирана постапка за создавање и креирање нови учебници. Ваквиот проблем опстојува три учебни години, што претставува грубо кршење на правото на образование и на правото на пристап до квалитетно образование, што е индивидуално право на секој ученик“, вели Бендеска.

Комисијата на Министерството за образование му даде рок до 31 август годинава да обезбеди список на учебници што ги обезбедиле и што не ги обезбедиле.

Доколку тоа не се случи, Комисијата, според закон, може да поведе прекршочна постапка. А со оглед на тоа што станува збор за системска, институционална дискриминација Комисијата може да побара судска заштита, односно тужба од јавен интерес.

„Комисијата одлучи доколку не се обезбедат сите учебници за оваа учебна година, да поведе ваква постапка“, вели Бендеска за РСЕ.