„РСЕ“: Учебници и натаму нема, ќе има само нов Закон

Учебната година за три месеци ќе заврши, а учениците се уште немаат добиено учебници по англиски јазик. Ниту учебниците за трето и шесто одделение по новата програма за следната година не стигнаа до учениците. МОН најавува нов закон, но наставниците се сомневаат дека тоа е решение, пишува Радио слободна Европа.



Учебникот по историја во кој беа откриени низа грешки во лекциите се уште не е повлечен. Ваквите пропусти, но и многу други што се појавија годинава, МОН планира да ги решава со нов закон за учебници.

Она што е предвидено да се постигне со новиот закон е да се скратат роковите за да нема доцнење на учебниците, но и да се постават повеќе филтри при изработка и одобрување на содржината на учебниците.

„ Ќе се внимава на грешки и нелогичности, како и на тоа да нема навредливи содржини од родов или било каков друг аспект. И затоа, законското решение ќе треба да ги стимулира, особено професорите од педагошките факултети и експертите, да се вклучат во процесот“, велат од МОН.

Изработката на законот е се уште во почетна фаза. Се прибираат предлози и забелешки од експертите. Министерството очекува наскоро да биде објавена и првата нацрт верзија.

Нов закон не е решение

Според дел од наставниците, нов закон нема да ги реши проблемите со учебниците. Македонија никогаш не страдала од закони, колку што страда од лошата примена на законите, смета наставникот по историја Васко Гичевски и додава дека грешки во учебниците нема да се спречат со формирање на нови комисии, тела и филтри.

„И сега има филтри кои треба да се поминат, проблемот кај нас е што не се практикува законот и се ставаат на пример рецензенти за 15-20 дена да направат рецензија на учебник, што не е можно да се направи, учебниците се прегледуваат шаблонски, а никој не задира во суштината на нештата“, вели Гичевски.

Додава дека потребен е многу посериозен пристап во изработката на учебници, но и дека треба да се слуша мислењето на експертската јавност.

„Кога цела стручна јавност „се дигна“ против новата концепција, МОН одлучи на сила да ја продолжи. Се додека нема слух МОН за практичарите кои со години едуцираат деца и кои што не се дојдени случајно со политички договор да раководат со министерство, тогаш би имале напредок. Вака само претураме од шупливо во празно, бидејќи само формираме тела и комисии кои што само чинат дополнителни пари, се прават дополнителни филтри, а јас сум сигурен дека и покрај сето тоа, повторно ќе има грешки, бидејќи колку и да е добар законот, ние ќе најдеме начин да го заобиколиме“, вели Гичевски.

Учебникот со грешки и натаму се користи во училиштата

Учебникот по историја за петто одделение , во кој беа откриени низа грешки во лекциите и натаму се користи во училиштата. Никој не се пријавил на повторениот оглас за рецензија, па учениците и натаму учат од овој учебник, додава Гичевски.

„Заглавен е во лимбо , се уште го користат погрешниот, а еве веќе помина многу време, но се уште нема никаков одговор за тоа“, вели Гичевски.

МОН вината ја префликај авторите и рецензентите на учебникот, за кои рече дека требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за одобрување на учебници.