„Бурханедин Нухиу од селото Порој, Тетовско, кој тврди дека без вина е осуден на казна доживотен затвор поради убиството на 18-годишниот матурант Ванчо Јосифовски, бара ново и овојпат правично судење.
Тој вели дека неговиот случај е класичен монтиран случај. Му упати и пишана порака на актуелниот министер за правда Билент Салии, во која прашува зошто и тој не бил опфатен со амнестија и истакнува дека привршува трпението негово и на неговото семејство, со нагласување да се внимава, оти дека може да се случи она што не се очекува.“ – објави информативната агенција на албански јазик ИНА во информацијата под наслов „Бурхан Нухиу од Тетово бара правда: ми монтираа случај по 2001-та, ме уништија“.
Инаку, Бурханедин Нухиу беше огласен од судот како виновен и потоа беше осуден на доживотна казна затвор, поради убиството на 18 – годишниот матурант од Тетово Ванчо Јосифовски недалеку од неговиот дом додека играл кошарка на импровизирано игралиште заедно со група други млади Македонци.
На 19.октомври 2002 година вооружени лица од возило во движење пукале во групата младинци кои играле кошарка, спроти стариот градски стадион во Тетово. Тогаш бил потешко повреден еден младинец, а друг бил полесно повреден. Случајна околност била што немало повеќе жртви по испуканите 10 – 15 куршуми од автоматска пушка кон групата од околу 25 до 30 деца и тинејџери на возраст од 8 до 13, 15 и 18 години и неколкумина луѓе од 28 до 40 години.
Информативната агенција ИНА во својата информација околу барањето да се возобнови овој случај на осуденикот Нухиу пишува: „Бурханедин Нухиу е еден од осудените Албанци со доживотен затвор по конфликтот во 2001 година. Тој беше осуден по убиството на еден младинец од македонскиот етникум. Случајот со Бурханедин е познат во јавноста како класичен монтиран случај, па затоа емисијата ‘Без цензура’ подготвува видео – материјал за сите факти, кои ќе ја потврдат неговата невиност и тенденциозното судење. Нухиу во текот на емисијата боруваше многу за вистината: меѓу другото она што паѓа во очи е како се изменил неговиот изглед во овие 20 години. Тешките услови во затворот во Идризово се одразуваат и врз неговото лице.“
„Вистината ќе излезе во јавноста“ – наведува натаму ИНА: „Во јавноста се зборува за цела серија на монтирани случаи. Подобро илјада виновни на слобода, отколку еден невин во затвор, затоа случајот на Бурханедин Нухиу ќе се прикаже со факти за вистината во јавноста!“
Осуденикот Нухиу има поднесено жалба и околу тоа ИНА информира: „Досието на Бурханедин го одведе во затвор и го товари како извршител на убиството на младиот Македонец. Овој случај и жалбата во врска со него ‘заглавија’ во судските инстанци и не се завршени до крај. Бурханедин, брат на маченик на УЧК и син на чесен и народен оџа, вели дека немаат традиција да прават такви криминални и кукавички акти, туку оти тој случај му е подметнат и дека тој е обвинет за него.“
Бурханедин Нухиу реагирал зошто и тој не бил ослободен со амнестија: „Има десеттици сведоци, кои се појавиле во судот, сведочејќи дека Бурханедин на денот на убиството бил на сосема друго место. Но, судот не го прифати тоа. Некои од сведоците денес се починати, но има и други сведоштва и неговиот адвокат – Македонец вели дека неговиот клиент се држи во затвор без вина. Бурханедин им посакува здравје и долг живот на другите затвореници, ослободени со амнестија.“
„Нухиу има порака и за министерот за правда Билент Салии: ‘И јас не сум опфатен со амнестија. Со какво право вие давате селективна амнестија? Ме принудувате да изгубам надеж за живот, јас и другите затвореници, но ние и нашите семејства го губиме трпението, и трпението има крај. Внимавајте, бидејќи може да се случи она што не го очекувате. Трпението нам ни дојде преку глава’ – напиша Бурханедин Нухиу.
Членовите на неговото семејство и неговиот адвокат бараат да се возбнови судењето и да има правично судење.“ – наведува ИНА на крајот на својата информација во врска со барањето на осуденикот Бурханедин Нухиу да биде повторно отворен неговиот предмет, поради тоа што е „осуден без вина“.
Инаку, на 20.мај 2021 година во информација под наслов „Монтирани случаи – дебата за закон“ РВ Алсат.м го цитираше тогаш заменик – министерот за правда Агим Нухиу во парламентарната расправа во врска со Нацрт законот за повторна проценка на фактите и доказите користени во судските постапки, кој имаше во таа пригода изјавено: „Новите докази и факти би помогнале да се разјасни и случајот случајот со Бурханедин Нухиу“.






