Ваква порака испрати евроамбасадорот Дејвид Гир, на отворањето на Регионалната конференција за борба против корупцијата, што се одржува денеска во Скопје во рамки на соработката со Регионалната антикорупциска иницијатива и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.



Според Гир убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата, додека граѓаните очекуваат резултати, нагласувајќи дека денешната конференција ја става корупцијата во поширок регионален контекст и кажува дека е заеднички предизвик што најдобро може да се решава преку соработка и размена на добри практики.

Тој рече дека државните институции мора заеднички да работат да го намалат обемот на корупција, да воведат закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, но и треба да ги спроведуваат и извршуваат овие мерки. Борбата против корупцијата подразбира и градење негативна средина за сите коруптивни навики преку засилување на клучните системи за интегритет, јавните набавки и управување со јавни финансии, како и градење државни ревизорски институции и антикорупциски тела и партнерства со граѓанското општество, компаниите и слободните и независни медиуми.

„ ЕУ, заедно со земјите членки, ОН и другите меѓународни партнери ќе ги поддржат нашите партнери од Западен Балкан во нивните напори за подобрување на демократијата, јавната доверба во институциите и да се направи еднакво поле за натпревар, конкурентност и еднакви можности за сите“, порача Гир.

Според ЕК трошокот од корупцијата врз економската економија е 20 милијарди евра годишно и борбата против корупцијата, заедно со владеењето на правото се клучните принципи на Унијата.

„Скорешните настани во срцето на ЕУ, во  Европскиот парламент покажаа многу сликовито со какви проблеми се соочуваме и ние во ЕУ. Одговорот на таквите ситуации се базира на ефикасноста и брзината на правосудниот систем да се справи со тие наводи и институциите да одговорат и ги решат сите слабости кои што овозможиле да се случи тоа, изјави Гир.

Пристапниот процес, според Гир, е огромна можност за предводење на промените во градење на поотворено и поотчетно општество. Сега е моментот, порача Гир на медиумите и граѓанското општество, да бидете најмногу ангажирани. – Сега имате можност за промени и ние сме тука да ве поддржиме сите, порача евроамбасадорот Гир.