Александар Гинцбург, директор на рускиот институт „Гамалеја“ што ја создаде првата вакцина против коронавирус во светот „Спутник Ве“, за борба со делта-сојот сугерира ревакцинација на секои шест месеци.
Вакцинираните можат повторно да се заразат поради тоа што кај овој сој мемориските ќелии не успеваат да се активираат, ја објаснува тој потребата од почесто вакцинирање.
„Делта-сојот ја промени природата на интеракцијата со ќелиите и постои внатре во нив. Вирусот успева да продре во ќелиите поради ниското ниво на антитела“, изјави Гинцбург за руската агенција „Спутник“.
Според него, по правило на секои шест до осум месеци кај луѓето почнува да опаѓа бројот на антитела, но опстануваат мемориските ќелии кои почнуваат да создаваат антитела два до четири дена по заразувањето, што во случајот со делта-сојот веќе е доцна. Вирусот се шири од една ќелија во друга, без да ги напушта, и се акумулира во многу големи количини, додава тој.
Гинцбург претпоставува дека вакцинацијата со „Спутник Ве“ и потоа ревакцинацијата со назалната вакцина што клинички ја испитува неговиот институт заштитата од Ковид-19 ќе биде сто проценти.






