Министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостување во вестите на ТВ 24 откри кога ќе биде објавен Протоколот.
„Протоколот ќе го објавиме пред да ставиме потпис на него“, одговори министерот на надворешни на прашање на новинарката Билјана Секуловска.
Османи вели дека во Протоколот, како и во целиот француски предлог нема ништо спорно, како и дека и Бугарите се незадоволни од предложениот компромис.
„Тие не се задоволни, затоа што треба да признаат македонски јазик, официјално во Европската унија. Тие не се задоволни што нема поглавја, што нема одредници, единствено што добија е промена на Уставот за да бидат внесени Бугарите. Ништо повеќе нема во францускиот предлог како компромис, освен тоа“, рече Османи.
Тој е оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, иако од опозициската партија одлучно одбиваат.







