„Друго решение нема и Советот на општина Тетово треба да оди на реизбор.’ – изјави првиот човек на општината Билал Касами. Тој рече дека во текот на денот го информирал Министерството за локална самоуправа за фактичката состојба во Советот и за неодобрувањето на завршната сметка.“ – објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Политичкиот грч во Тетово ќе се решава преку нови избори само за Советот на општината“.
ТВ Алсат пишува: „Откако ја констатиравме оваа состојба веќе немаме простор за дејствување. Релевантните институции треба да донесат одлука и да ни дадат дополнителни насоки.’ – вели Касами.“
„Градоначалникот на Тетово Касами вели дека не го интересираат избори, но ако се наметнат, не може да се избегнат. ‘Граѓаните се уморни од предвремени избори, особено во Тетово. Но, во овој случај, ако некој сака да прави политика таму каде што не треба да се прави со одбивање на завршната сметка, секој треба да одговара во рамките на обврските, што ги презел како советник.’ – додава Касами.“
„Според Законот за локална самоуправа, една од главните причини поради која се разрешува општинскиот совет е токму неодобрувањето на завршната сметка. Според Касами, ова не било направено до 31 март, бидејќи не била прифатена како точка на дневен ред од советниците. Локалната самоуправа е должна да ја извести Владата во рок од 7 дена, а извршниот орган треба да одлучи за нови избори. Собранието потоа треба да го соопшти датумот кога ќе одржат новите избори за составот на Советот на општина Тетово.“





