Алсат: Министрите-Албанци го бојкотираа роденденот на „Тигрите“ бидејќи таму нема Албанци

„Министрите-Албанци во Владата на Македонија го бојкотирале на 13.март годинава одбележувањето на 41-вата годишнина од основањето на специјалната полициска единица ‘Тигар’, неофицијално, поради ‘прекршувањето на принципиелниот договор од минатата година да има Албанци во оваа единица’. Меѓу Тигрите нема ниеден Албанец.“ – објави ТВ Алсат.

На својот интернет-портал ТВ Алсат пишува: „Министерството за внатрешни работи го чува во тајност бројот на пријавени припадници на интерниот конкурс за обука во Специјалната единица за борба против тероризмот ‘Тигар’. Иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека на конкурсот се пријавиле полицајци од сите етнички заедници, неговиот ресор се правда дека бројот на пријавените е доверлив.“

„ТВ Алсат неофицијално дознава дека се пријавиле најмалку петмина Албанци, што се наоѓат моментно се наоѓаат во други единици на МВР, меѓу кои и во елитната единица за брза интервенција, инаку позната како ‘ЕБР“.

„И покрај тоа што ги претставува и Албанците, единицата ‘Тигар’ и натаму не е опфатена со Законот за употреба на јазиците. Униформите на ‘Тигрите’ нема да содржат ознаки и на албански јазик, бидејќи тие имаат статус на државно рамниште, а не локално и оттука не се опфатени со одредбите на Законот за употреба на јазиците.“

„На 13.март годинава единицата ‘Тигар’ ја одбележа 41-вата годишнина од своето основање, како тело втмелено од републичкиот секретар за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија. Албанските членови на владиниот кабинет го бојкотираа одбележувањето на таа 41-ва годишнина. Неофицијално, причина за бојкотот било прекршувањето на принципиелниот договор од минатата година да има Албанци во оваа единица.“

„Од 1981 година до денес во оваа специјална единица поминале повеќе од 700 припадници, но ниту еден од нив не бил Албанец, ниту сега има Албанец.“