„Времето за тактика истекува. Во текот на следните 10 дена лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари ќе треба да ја донесе конечната одлука за патот по кој ќе тргне партијата. Дали тоа ќе биде ‘Европскиот фронт’ заедно со ДУИ? Дали ќе го ‘сврти воланот’ кон албанската опозиција – Европскиот сојуз за промени? Или самите ќе настапат на изборите?“ – се наведува во анализата под наслов „ДУИ и Европскиот сојуз за промени со понуди за АА – Таравари пред конечна одлука“, која ја објави ТВ 21.
Повикувајќи се на свои извори, ТВ 21 пишува: Таравари не мисли оти АА треба да излезе со заеднички листи со ДУИ. Но ваквиот негов став е во спротивност со ставот на претседавачот со партиското собрание Зијадин Села и на генералниот секретар на партијата Кренар Лога, кои се „за“ ваква соработка. Веројатно ова ќе доведе до раздор меѓу овие три најзначајни личности во АА.
Таравари повеќе се залага за можноста АА да влезе во Европскиот сојуз за промени, а оваа позиција е уште позасилена по средбата со Албин Курти. Каква е понудата на ДУИ до Алијансата за Албанците, а каква е понудата на Европскиот сојуз за промени, што изгледа ќе биде „клучот“ на победата за двата ривалски табора?
На средбата во Гостивар Али Ахмети му понудил на Арбен Таравари 8 пратеници и 5 градоначалници. Но, во врска со оваа понуда Таравари по се изгледа ќе се замисли и ќе ги стегне усните, бидејќи најголем дел од кандидатите за тие пратеници ќе бидат луѓе од доверба на двоецот Села-Лога. Здружената албанска опозиција Европски сојуз за промени му понудила на Таравари 5 пратеници (парламентарна група), а се зборува и за понуда од 2 до 5 градоначалници, како и Таравари да избере кандидат за претседател на државата од редовите на опозицијата.
Ако АА ѝ се приклучи на албанската опозиција, тогаш ќе биде интересна трката на парламентарните избори во мај, бидејќи опозицијата се натпреварува и со поддршка од градоначалниците на општините Чаир Висар Ганиу, на Тетово Билал Касами и на Гостивар Арбен Таравари.
Носители на листата на Европскиот сојуз за промени ќе бидат партиските лидери: Изет Меџити (ДД) во првата изборна единица, Африм Гаши (АА) во втората изборна единица, а билал Касами во шестата изборна единица. Во шестата изборна единица може да води и Арбен Таравари, ако реши да им се придружи. Во петтата изборна единица се шпекулира дека носител ќе биде Беким Ќоку, или Фатмир Лимани. Се шпекулира и дека Руфи Османи е можен опозициски кандидат за претседател на државата.





