„Над 130 мали хидроцентрали се изградени или се градат на реките низ Македонија. Планирана е изградба на уште 50 други, велат од еколошкото здружение ‘Еко-свест’, според кои, повеќето хидроцентрали се изградени на некои од најживописните падини, во заштитени и важни подрачја како Пелистер, Маврово, Шар Планина, Караџица, Кожуф, Малешевијата и многу други. Додаваат дека малите хидроцентрали се градат тајно, без јавна дебата и без потребните студии за влијанието на средината.“ – објави ТВ 21 во својата информација со наслов „Да се укинат субвенциите за малите хидроцентрали – ‘Еко-свест’: ‘Ги уништуваат околината и заштитените подрачја’.“
ТВ 21 пишува: „Сите постојни мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4 отсто од годишното производство на електрична енергија во Македонија, во период од годината кога таа не е најпотребна за домаќинствата. Истата количина електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без уништување на реките и природата’ – нагласуваат од ‘Еко-свест’.“
„Тие велат дека струјата, која ја произведуваат малите хидроцентрали се купува по тарифи, што на компаниите им гарантира добар и безбеден профит. ‘Секое семејство во државата месечно плаќа по 6 отсто од месечната сметка за струја за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. Секоја година, ние, граѓаните, плаќаме по 16 милиони евра за електрична енергија произведена од малите хидроцентрали. Сакаме овој буџет да се искористи за стимулирање на производството на електрична енергија од одржливи извори како што се сонцето и ветерот, а не од извори кои ги уништуваат нашите реки!’ – додаваат од ‘Еко-свест’.“
„Ова еколошко здружение преку интернет-петиција против изградба и субвенционирање на мали хидроцентрали побара од Владата да ги стопира субвенциите за нив. Кон оваа петиција се приклучија 4423 лица. Потребни се 5 илјади лица, за да биде таа петиција целосна и полноважечка.“ – објави ТВ 21.





