Турската полиција уапси 12 градежници и изведувачи на згради

Воздушна фотографија на која се прикажани срушени згради во Кахраманмарас, јужна Турција, сабота, 11 февруари 2023 година.
Воздушна фотографија на која се прикажани срушени згради во Кахраманмарас, јужна Турција, сабота, 11 февруари 2023 година.

Турската полиција уапси 12 лица поради урнати згради во југоисточните провинции Газиантеп и Шанлиурфа, објавија денеска локалните медиуми по силниот земјотрес што ја погоди Турција.



Меѓу приведените има и изведувачи, објави новинската агенција ДХА.

Се очекуваат нови апсења откако јавниот обвинител во Дијарбакир, една од 10-те југоисточни провинции погодени од земјотресот, денеска издаде налози за апсење на 29 лица, објави државната новинска агенција.

Еден од уапсените во саботата бил градежен изведувач во Газиантеп, соопшти агенцијата, додавајќи дека бил пронајден од полицијата во Истанбул.

Најмалку 6.000 згради се урнаа по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот, при што загинаа речиси 25.000 луѓе.

Земјотресот беше регистриран рано изутрината на 6 февруари во близина на Газиантеп, Турција, а истиот ден попладнето се случи уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени.

По првиот земјотрес во понеделникот, наводно имало 1.891 последователни потреси.