Турското малцинство во Македонија, кое според последниот попис од 2002 година брои 78.000 или 3,85 проценти од вкупното население и е трета етничка заедница по бројност по Македонците и Албанците, негодува што првпат нема да има министер во македонската влада.
Разочарувањето и незадоволството го сублимира Хусрев Емин, претседател на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), во отвореното писмо до мандатарот Зоран Заев.
„Фактот дека Турците не се застапени на министерско ниво во владата на оваа земја, која има мултирелигиозна, мултикултурна и мултиетничка структура, предизвикува чувства на исклученост и на дискриминација кај Турците кои живеат во оваа земја“, пишува Емин.
„Додека се очекува проектот ‘Едно општество за сите’, претходно инициран од Владата на СДСМ, насочен кон заедничка иднина наместо етнички тензии и поставен како цел во процесот на пристапување во ЕУ, да биде глас на малцинствата, денес произведе политика што ги исклучува Турците и другите малцинства од владиниот кабинет, откривајќи голема криза на искреност. Овој став го поткопа духот на принципот на ‘правична застапеност’ во Охридскиот договор, кој гарантира политичка стабилност во Северна Македонија на правна основа. Фактот дека Турците и сите малцинства, кои не се вклучени во составот на Владата, претрпеле неправда, всушност открива голема противречност. Затоа што, во пресрет на членството во ЕУ, Турците се соочија со ставот што ги исклучува сите малцинства, додека очекуваа тенденција да ги добијат своите права и да имаат поголема демократија“, се додава во писмото.





