По предлог од претседателот Реџеп Таип Ердоган турскиот парламент вчера усвои закон со кој новинари и корисници на социјалните мрежи можат да добијат до три години затвор за ширење дезинформации.
Законот го поддржаа претставниците на владејачката АКП партија заедно со коалицискиот партнер МХП и покрај противењето на опозицијата, европските држави и активистите за медиумски слободи.
Членот 29 од законот предизвикува најголема загриженост околу слободата на изразување. Во него стои дека оној кој шири неточни информации преку интернет околу турската безбедност со цел да предизвика страв и да го наруши јавниот ред се соочува со затворска казна од една до три години.
Критичарите велат дека не постои јасна дефиниција за „неточни информации“, што, според нив, го остава законот отворен за злоупотреби од страна на судовите.
Опозицискиот пратеник Бурак Ербај во протест поради законот со чекан скрши мобилен телефон на говорницата.
https://www.bbc.com/news/av-embeds/world-europe-63249301






