Турција одби помош од Кипар, не го признава за држава

Министерство за надворешни работи на Кипар, соопшти дека Турција „учтиво ја одбила“ понудата оваа земја да испрати спасувачки тим во загрозеното подрачје по земјотресот и покрај тоа што првично прифатила помош.



Кипарски тим од 15 спасувачи, лекари и болничари беше спремен да замине уште во средата.

Кипарското министерство објави дека понудата, иако е одбиена, сепак останува и изрази благодарност до „професионалните спасувачи кои се подготвени да спасат животи насекаде“, пренесуваат медиуми.

Причината за одбивањето е тоа што Анкара не го признава Кипар, членка на ЕУ која се простира на јужниот дел на островот и во кое живее население кое говори Грчки.

Илјадници турски војници се стационирани на отцепениот север Кипар од 1974 година, кога Турција изврши инвазија како одговор на државниот удар во Никозија извршен од тогашната владејачка воена хунта во Грција, во кој на власт дојдоа поборниците за обединување на Кипар и Грција.

На северот од Островот е самопрогласената Турската Република Северен Кипар, која е признаена само од официјална Анкара.

Проблемот со статусот на оваа територија е камен на сопнување за ЕУ, Грција и Кипар од една и Турција од друга страна.