Официјален Киев оопшти дека продолжуваат разговорите со Москва околу планот за спасување на тешко ранетите војници од Азовстал.



Потпретседателката на украинската влада, Ирина Верешчук, изјави дека и Турција се согласила да посредува во преговорите.

Верешчук истакна дека Украина сака да биде потпишан документ за тоа како точно ќе се одвива евакуацијата од Азовстал и оти се подготвува потпишување. Таа додаде дека, пред сѐ, станува збор за тешко ранетите, а Турција е подготвена да стане посредник во тие преговори.

Според Верешчук, Украина претходно им дала мандат за посредување во преговорите на претставниците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и на ОН.

Роднините и симпатизерите на украинските бранители во челичарницата повикаа на засилени напори за нивно спасување.

Вчера демонстранти, главно жени, маршираа во центарот на Киев, држејќи транспаренти и скандирајќи „Да се спасат бранителите на Мариупол, да се спаси Азовстал“, „Слава на хероите во Мариупол“ и „Да ја спасиме војската во Азовстал“.