Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека Турција, заедно со голем број правни експерти, ќе поднесе жалба против израелската офанзива во Газа, која резултираше со смрт на повеќе од 10.000 цивили, обвинувајќи за злосторствата против човештвото и геноцид, јавува „Хуриет“.
„Во моментов планираме да поднесеме жалба за овој геноцид до надлежните власти, со поддршка од над 2.000 адвокати“, рече Ердоган.
„Злосторството против човештвото и геноцидот извршени од Израел“ мора да се следат и истражат на меѓународно ниво, а „угнетувачите“ мора да бидат казнети, рече Ердоган, наведувајќи дека без таква одговорност ниту еден поединец или општество во светот нема да се чувствува безбедно.
Ердоган претходно го нарече Израел „терористичка држава“ поради немилосрдните напади и офанзивата во Газа.
Заа време на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин на 17 ноември, Ердоган ја истакна потребата од колективна одговорност за постигнување праведен и траен мир на Блискиот Исток, особено во контекст на тековната криза во Газа.
„Како Турција, нашата цел е да воспоставиме клима каде Израелците и Палестинците ќе живеат еден до друг во мир, каде што ќе преовладува смиреноста и безбедноста. Верувам дека секој треба да преземе одговорност за да обезбеди фер и траен мир на Блискиот Исток“, рече Ердоган.







