Стотици илјади згради паднаа или се неупотребливи за живеење по катастрофалниот земјотрес пред десет дена во Турција и Сирија и во кој загинаа над 40.000 луѓе.



Но, во градот Ерзин, среде силно погодениот регион Хатај, никој не загина, а ниту една зграда не беше значително оштетена. Оштетени се само неколку семејни куќи и неколку минариња во градот со 42.000 жители.

„Немаме урнатини, жртви или повредени поради земјотресот“, рече Оккеш Елмасоглу, изразувајќи сочувство до сите погодени од земјотресот. Елмасоглу е градоначалник на овој град.

Како што вели, причината поради која во неговиот град нема урнати згради, а ниту мртви е тоа што никогаш не дозволил никаква дивоградба.

„Не дозволив дивоградба во ниту една смисла. И покрај тоа, некои се обидоа. Иако на почетокот не можевме да ги следиме бидејќи немавме доволно персонал, подоцна ги пријавивме кај обвинителот и зградите беа урнати, вели градоначалникот, како што пренесува Хуриет дејли.

Понатаму, градоначалникот додава дека повеќето згради во градот се релативно ниски. Тоа се самостојни згради, често четирикатни згради. Има некои шесткатни згради, вели тој.

Тој вели дека во Турција треба да има целосна промена на размислувањето кога станува збор за градежништвото.

„За ова е потребно нашите граѓани да не очекуваат никакви отстапки од државата за дивоградба, да не посегнуваат по такви работи и да се преземат одлучни чекори за уривање на овие објекти кога е потребно“, рече тој.

„Потребни ни се контролни механизми за да ги одржуваме работите непречено“, додава тој.