Турција го одобри влезот на Шведска во НАТО

Tурскиот парламент вечерва го одобри членството на Шведска во НАТО, со што е отстранета најголемата пречка за скандинавската земја да ѝ пристапи на северноатлантската воена алијанса.



Со 287 гласа „за“, пратениците го поддржаа ратификувањето на протоколот за пристапувањето на Шведска во пактот и сега преостанува само одлуката на народните избраници да биде формално потврдена од претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Анкара го одложи ратификувањето на пристапот на Шведска во Алијансата повеќе од една година, обвинувајќи ја дека е премногу попустлива кон групите што ги смета за терористички, како таа на Фетула Ѓулен, а од Стокхолм побара и построг став кон курдските активисти.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон ја поздрави одлуката на Меџлисот, велејќи дека неговата земја сега е на чекор до полноправно членство во НАТО. Остана уште пристапувањето да го одобри Унгарија, откако сите други членки на Алијансата веќе го сторија тоа.