Бугарски хеликоптер влегол на турска територија, фрлил 101 килограм марихуана со пазарна вредност од 20 милиони фунти и се вратил, јавија турските медиуми, повикувајќи се на локалната полиција. Уапсени се тројца осомничени, пишува турскиот сајт Haberbg.net, пренесува бугарскиот Сега.бг.
Екипите на воздушната радарска команда на Чанаккале забележале како хеликоптер од Бугарија вонизок лет навлегува во турскиот воздушен простор во текот на ноќта…За ситуацијата била известена командата на жандармеријата на провинцијата Киркларели.
Во реонот екипите заплениле 101 килограм дрога спакувана во вреќи. Гувернерот на Киркларели, Бирол Екичи, изјави дека меѓународната криминална мрежа, која долго време се следела, е разбиена.
Од бугарското МВР потврдија дека таков сигнал добиле од турските власти и дека истражуваат.
Последниве години периодично се појавуваат информации дека дрогата се транспортира и се пренесува по воздушен пат од Бугарија во Турција. Во 2020 година запленети се 6 вреќи со вкупно 360 килограми дрога.
Во јануари оваа година од друга страна, Турција обвини дека мал авион од типот „чесна“ летал на мала височина преку бугарско-турската граница до пограничниот град Киркларели, каде што фрлил пратка со дрога.







