Турција очекува Македонија да одговори на нејзините барања за екстрадиција на речиси 80 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО на Фетула Ѓулен, одговорна за обидот за државен удар во Турција пред шест години.
Истовремено, се бара во земјава да бидат затворени три училишта во Скопје, Тетово и Струга кои се поврзани со таа организација.
Ова го соопшти турскиот амбасадор Хасан Мехмет Секизќок на прес-конференција по повод настаните од 15 јули 2016, кој во Турција се одбележува како Ден на демократија и национално единство.
„До македонските власти имаме барање за протерување и екстрадиција на близу 80 лица. Овие барања ги истакнуваме при контактите на највисоко ниво. Засега нема конкретни чекори, но тоа не значи дека за нас таа тема е затворена.
Минатата година при поставување пратенички прашања до Владата беше поставено конкретно прашање на кое добивме писмен одговор што не беше задоволителен и беше полн со сиви зони. Можеби треба да се постави прашањето дали властите на Македонија сакаат сериозно да се посветат на ова прашање и дали има конкретни пречки за тоа. Имаме исклучителни билатерални односи помеѓу нашите земји и затоа сметам дека и македонската страна треба да ја има предвид сензитивноста на темата и меѓународните обврски што ја тангираат. Очекуваме соработка од сите земји во насока на борба со секаков вид тероризам, истакна амбасадорот“, рече амбасадорот.
До неодамна Турција се закануваше дека ќе го блокира влезот на Финска и Шведска во НАТО, доколку не ѝ бидат испорачани лица кои според Анкара се припадници на повеќе терористички организации.







