Турција бара Брисел да ги обнови преговорите за членство во ЕУ

Претседателот Реџеп Таип Ердоган ја повика Европската унија да ги продолжи разговорите за членството на Турција во ЕУ пред самитот фокусиран на руската инвазија на Украина.



Повикот на турскиот претседател доаѓа откако војната во Украина и овозможи на Анкара да се врати на меѓународната сцена, нудејќи ги своите услуги како посредник во конфликтот.

„Очекуваме ЕУ брзо да ги отвори поглавјата од преговорите за членство и да ги започне преговорите за царинска унија, без да подлегне на цинични калкулации“, рече Ердоган по разговорите со холандскиот премиер Марк Руте во посета на земјата.

Преговорите за пристапот на Турција во 27-члената ЕУ, кои започнаа во 2005 година, беа заглавени во последните години поради тензиите меѓу двете земји, при што ЕУ ја обвини Турција дека се оддалечува од владеењето на правото и другите вредности на Унијата.

Односите меѓу Турција и ЕУ нагло се влошија по обидот за државен удар во јули 2016 година. ЕУ често ги критикуваше репресиите и нападите врз слободата на говорот што следеа по неуспешниот пуч, во кој беа уапсени десетици илјади луѓе, вклучително и новинари.

Шефовите на држави и влади на ЕУ утре треба да се сретнат во Брисел на самит чија цел е да се справи со последиците од руската инвазија на Украина на 24 февруари.

НАТО во четврток ќе одржи и кризен самит за Украина.

Турција преговара за пристапување во Европската унија (ЕУ) уште од април 1987 година по нејзиното барање да стане полноправна членка на Европската економска заедница (ЕЕЗ) која веше претходник на Унијата.