
Откако денеска холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп изјави дека реформите можеле да се направат пред години и праша каде се милијардите и што стана со обуките кои ги спроведуваат, одговор доби од адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ.
-Еве јас како поранешен судија а сега адвокат ќе се обидам да му одговорам. Господине Амбасадоре, одговорот на Вашето прашање треба да Ви го дадат тие на кои сте им ги довериле парите за реформи во судството и кои имале обврска да Ви дадат очет за потрошените пари. Одговорот на Вашето прашање треба да Ви го дадат луѓето задолжени за спроведувањето на реформите, вели Туфегџиќ, а пренесе Вечер.
Тој додава дека не е тајна дека на обуките имало привилигирани судии и обвинители.
– Не е тајна дека во проектите за обука во поддршка на реформите имало привилегирани судии и обвинители кои можете да ги најдете на сите листи, а некои судии и Јавни обвинители кои се исклучително стручни, едвај да можете да ги забележите во некоја од листите на учесници.
Во смисла на погоренаведеното треба да побарате одговор на прашањето зошто не напредувале судиите и Јавните обвинители во кои се вложени значајни средства за едукација и обука, меѓу кои бев и јас, како и одговор на прашањето, каде се распоредени овие овие судии во моментот, некој од нив немојте да барате бидејќи си заминаа по сопствено барање, вели адвокатот.
Тој го упатува амбасадорот и на адресите од каде што треба да ги побара одговорите.
-Одговорот на Вашето прашање треба да го побарате од организаторите и спроведувачите на проектите за почетната и континуирана обука на судии и Јавни обвинители. Одговорот на Вашето прашање треба да Ви го дадат луѓето кои ги правеле и потпишувале конечните извештаи за спроведените УСПЕШНИ реформи. Се на се, најодговорните чинители, вклучително и Академијата за судии и Јавни обвинители, треба да Ви го дадат одговорот на поставеното прашање, истакнува Туфегџиќ.





