Трошоците за живот се огромни и се над оние во еврозоната

Мицкоски: Трошоците за живот се огромни и се над оние кои се во еврозоната

Повторно и во август месец гледате дека трошоците за живот се огромни и се над оние кои се во ЕУ зоната. Тоа е така поради што имаме неспособна Влада. Економијата во државата не мора да ја гледаме само низ бројките и податоците кои ги објавува државниот завод за статистика, само е доволно да излезете на пазар и да ги погледнете цените, ќе погледнете дека тие се 2-3 пати повисоки од тоа што биле пред една или две години. Тоа директно удира на стандардот на граѓаните“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во Кавадарци. Тој посочи дека овие параметри наведуваат на лошата економска состојба и стандардот на граѓаните, за што решение се избори.



Мицкоски потенцираше дека пред некој ден истиот тој Државен завод за статистика објави податоци за индустриското производство, кое во првите 7 месеци има едвај само еден процент раст споредено со истиот период минатата година. Потенцирајќи дека она што загрижува е состојбата со преработувачката индустрија, која во првите 7 месеци е под нивото од првите 7 месеци во минатата година, додека пак за месец јули таа е помала за 1,2% во однос на истиот месец минатата година.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овие параметри се доказ за лошата економска состојба и слабиот стандард на граѓаните, за што решение се избори.

„Ние цело време зборуваме, колку подолго остане оваа неспособна и криминална Влада на ДУИ и СДСМ или СДСМ и ДУИ како сакате толку поголем цех ќе плати државата и граѓаните. Единствен начин да се казнат овие криминални измамници во Владата се изборите“, рече Мицкоски.

Мицкоски ги повика граѓаните во Македонија, сите оние кои што се политички определени или сите оние кои што, можеби и не се политички определени, да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и на следните избори кои што за неколку месеци од денеска ќе се случат, да излезат и да гласаат.

„Со седење дома не можеме да помогнеме во овој процес. Мораме да излеземе масовно и да ја поддржиме опцијата која што се обединува се повеќе околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ВМРО-ДПМНЕ ја предводи. Тоа е единствениот начин овие политички измамници и криминалци да се соочат со одговорноста. Ниту една измена во било каков закон нема да им помогне. Јас тоа го кажав, и златно знаме да стават, не европско, златно знаме да стават има и други членови, десетичи други членови и во тој закон и во други закони по кој што ќе бидат тие изведени пред лицето на правдата. Криминалците нема каде да избегаат и не може да се скријат, но единствен начин да ги поразиме криминалците е масовно да излеземе на избори“, кажа Мицкоски.